Опис
Светски познатиот слоган “Go Green” се употребува за промовирање на еколошки практики и апелира кон одржлив начин на живот во корелација со животната средина. Водејќи се од визијата за делување во склад со природата, целта на проектот – Одржлив модел на производство – Go Green Gardens кофинансиран од Фонд за иновации и технолошки развој – ФИТР и Индоор Гарден е развивање на нова колекција градини за оплеменување на ентериерот – Еко градини (Go Green Gardens) во садови произведени од рециклирана пластика.
Кога зборуваме за заштита на животната средина, помислуваме на целиот екосистем во кој сите живи организми се во една постојана, нераскинлива врска. Помислуваме на растенијата, кои се значаен извор на воздухот што го дишеме, храната што ја јадеме и се присутни во речиси секој дел од нашиот живот. Од друга страна пак, не можеме да го прескокнеме светскиот проблем во справување со отпадот и делување во насока кон почиста животна средина, каде важна улога зазема циркуларната економија и употребата на отпадот како ресурс. Целта на рециклирањето е намалување на користењето на нови суровини и развивање на континуирана употреба на ресурси, каде во процесот на производство отпадот се употребува како ресурс за создавање нови производи.
Поврзувајќи ги собните растенија во комбинација со садовите изработени од рециклирана пластика, како плод на успешната реализација на проектот ќе биде креирањето на мали, одржливи, декоративни градини за оплеменување на просторот и разубавување на ентериерот.
Материјалот од кој ќе се произведуваат садовите, ќе се добива преку донирање отпад – Polypropylene (PP), а потоа истиот ќе се реупотреби. Покрај селектирањето отпад за рециклирање, целта на акциите е и подигнување на свеста за рециклирање, како само една од активностите кои може да ги преземе и примени секој во својот одржлив начин на живеење. Подигнување на свеста за важноста на рециклирањето во сегашноста со цел да ја спасиме иднината.
Проектот е добиен во рамките на Јавниот повик за финансирање на проекти преку Инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ објавен од Фонд за иновации и технолошки развој – ФИТР и започна во декември минатата година.